Совети за правилна нега на коса кај жени и мажи
– Мартин Огњановски, професионален фризер

Многу често се поставува прашањето како правилно да ја негуваме сопствената коса и на кој начин да придонесеме за нејзин подобар квалитет, убавина и сјајност. И кај жените и мажите редовната и правилна нега на коса игра важна улога во квалитетот на косата и нејзиниот волумен. Во целиот овој процес и жените и мажите користат најразлични производи за нега на коса, меѓутоа најважно од се е да се користат производи кои најмногу ќе одговараат на соодветниот тип на коса.

Важно е да се напомене дека постојат различни типови на коса – сува, тенка, оштетена коса. На секој тип на коса потребно е да се пристапи соодветно и правилно, поради тоа што секој тип на коса има своја потреба. На пример на сувата коса и е потребна соодветна хидратација и освежување, додека пак на оштетената коса и е потребно да биде збогатена со хранливи материи кои ќе го зголемат нејзниот квалитет и сјајност.

Машката популација во однос на женската се чини дека помалку време посветува на грижа за косата. Но едно од прашањата кое најчесто се поставува во поглед на нега на косата и кај жените и мажите е прашањето – колку често треба да ја миеме косата. Голем од луѓето косата ја мијат секојдневно, меѓутоа тоа може негативно да влијае врз квалитетот на косата. За таа цел се препорачува косата да се мие два до три пати во текот на неделата. При шампонирање на косата значајно е каков шампон ќе користите во зависнот од типот на вашата коса – сува, мрсна, оштетена коса. Додека нанесувате шампон на вашата коса направете и масажа на скалпот поради тоа што на овој начин придонесувате за зголемување на циркулацијата на крвта во главата, а од друга страна може да се придонесе и за згуснување на косата.  И кај машката и женската популација често изрзен е проблемот со масна коса. Во тој случај важно е да се користат шампони кои нема дополнително да ја замастуваат косата. За време на миењето користете балсам или маски поради тоа што на тој начин дополнително го зголемувате квалитетот на влакното и вашата коса. Маската може да ја оставите за да делува одреден временски период, додека  балсамот може да го измиете веднаш. Користењето на маски за коса има голема корист и за машката коса, особено за долга машка коса поради тоа што маските во себе содржат голема концентрација на хидрантни состојки и природни масла. Покрај маската и балсамот може да се користи кондиционер кој што придонесува за заштита на обвивката на влакното и ја заштитува косата од надворешните влијанија и придонесува за превенција од првут. При миењето користете млака вода, поради тоа што миењето со топла вода може да ја направи вашата коса посува.

Многу значаен дел од целиот овој процес на нега на косата е правилното сушење откако истата ќе биде измиена. Откако ќе ја измиете косата најпрво користете пешкир со кој ќе го отстраните вишокот на вода од косата, и доколку користите фен за сушење тогаш е важно да ги следите овие неколку чекори. Избегнувајте да ја сушите косата со премногу топол воздух и многу мало растојание. Потрудете се да го држите фенот барем 20 цм подалеку од вашата коса. Пред да ја сушите косата не заборавајте да нанесете одредени производи кои ќе ја заштитат вашата коса од топлината. Сушете ја косата одејќи од коренот кон врвот и не се задржувајте премногу на едно место, бидејќи на тој начин ќе избегнете преголемо загреавање на одреден дел од косата.

Еден сегмент кој не треба да го заборавиме е правилното чешлање на косата. Затоа е многу важно како и колку ја чешлате вашата коса. Правилното чешлање на косата придонесува за нејзин поголем квалитет, сјаност и убавина. Косата не ја чешлајте додека е мокра, поради тоа што на тој начин влакната кои се полни со вода се растегнуваат и косата станува многу поосетлива. При изборот на четка за чешлање на косата секогаш бирајте четка која има заоблени краеви бидејќи на тој начин го зајакнувате влакното и го спречувате замастувањето на косата. Најдобриот и најздрав начин на чешлање на косата е од врвот спрема коренот. Од друга страна нешто на што треба да внимавате за да чешлањето биде ефикасно за косата, е хигиената на приборот за чешлање. После секое чешлање на косата, важно е четката да се исчисти од влакната и потоа да ја измиете со топла вода и шампон.

Се надеваме дека овие совети ќе ви бидат корисни и ќе ви помогнат за правилно одржување и нега на вашата коса.