Важноста на занаетите за создавање сопствен бренд и егзистенција
Денес живееме во едно ново време, време на дигитални трансформации, нови технологии и развој на нови професии. Професиите за кои во минатото се сметало дека се едни од најзначајните и најбарани денес ја губат својата важност и потреба. Денес помеѓу најпотребните професии се истакнуваат оние кои поттикнуваат значајни дигитални промени и трансформации со цел да го подобрат животот на човекот и ефикасноста на бизнисите.
Меѓутоа потребите на човекот за грижа за својот изглед, нега за своето тело, потребата за вкусна храна, домашни потреби (електрика, водоинсталатерство и сл.) никогаш не згаснуваат. И во денешно време постојат многу нови трендови поврзани со нега на телото, нега на коса, нови фризури, нови вкусни рецепти во делот на храната, нови методи на релаксација на телото кои вклучуваат различни масажи и сл. Сите овие модерни трендови голем дел од светската популација сака да ги следи и применува. За таа цел од огромна важност е да се има врвно едуциран и обучен кадар, кој ќе има знаење, квалитет, човечки и комуникациски вештини со кои ќе и се овозможи на популацијата да ужива во новите трендови и човечки потреби.
Моментално едни од најатрактивните и барани занаети се фризерскиот занает, професионален шминкер, естетичар за нокти, естетичар за депилација, козметичар за нега на лице и тело. Но од друга страна голема побарувачка се јавува и за кадар во прехрамбената индустрија како професионални готвачи, пекари, слаткари и пица мајстори. Сите овие професии – занаети соодветствуваат на секојдневните потреби на луѓето. Занаетите овозможуваат шанса за отворање сопствен бизнис, градење на сопствен бренд, остварување на сопствен приход и егзистенција. Од друга страна им отвораат врати и на оние кои сакаат да работат и надвор од својата држава, со можност да работат и во некои од најдобрите светски брендови од соодветната занаетчиска област.
Со оглед на тоа што бројот на одредени занаети е дефицитарен, а побарувачката за одредени услуги расте, постои можност да се биде конкурентен и да се има предност во стекнување на нови клиенти и зголемување на обемот на работа. Во целиот овој процес важно е да се биде препознатлив по своите дела, односот со клиенти, квалитетот на работа, посветеност и спектар на услуги. Исто така како дел од успехот, за одредени занаети важно е да се следат и новите дигитални трендови и промени. Правилно користење на соодветни дигитални
алатки кои би го унапредиле процесот на комуникација и работа, соодветно користење на социјалните медиуми како можност за промоција, презентација на услугите и интеракција со публиката, како и можност за примена на одредени софтверски решенија кои дополнително би го усовршиле процесот на работа на одреден занает. На пример доколку имате ваш фризерски салон, и сакате да го одбегнете целиот хаотичен процес при закажување на вашите клиенти, да не дојде до замена на термините па потоа да се случат непријатни ситуации со клиентите, преку одредена апликација може да направите online закажувања преку кои секој клиент ќе може брзо, уредно и прецизно да си го закаже својот термин и воедно навремено да биде известен кога е неговиот датум. Ова е една од многуте работи од областа на свремената дигитализација кои одредни занаети може да ги применат се со цел да го унапредат квалитетот на својата услуга, бренд и работа.
Но како и во секоја друга професија така и во занаетчиството успеваат најупорните, највредните, оние кои сакат редовно да учат, да се надоградуваат и стекнуваат нови вештини со кои ќе бидат чекор во чекор со светските трендови и барања на пазарот.
НАУЧИ ЗАНАЕТ – СОЗДАДИ СОПСТВЕН БРЕНД
Патот до успехот не е едноставен, бара многу труд, посветеност, желба, редовна едукација и усовршување. Тој пат често нема да биде рамен, но вреди да се започне со чекорење по истиот. Верувајте во себе, во сопствените можности и работете ја професијата која ве исполнува.